Скопјани се на врвот на листите за остварени најголеми приходи и највисока плата во 2012 година. Највисок приход во Управата за јавни приходи пријавил скопјанец во износ 242.186.497 денари (3,9 милиони евра), а највисоката бруто-плата изнесувала 63.039.671 денари (1 милион евра) во секторот здравствени услуги. Ова вчера го соопшти директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, кој истакна дека 174.181 граѓанин доброволно поднеле годишна даночна пријава, а оти 60.000 граѓани оствариле дополнителни приходи во 2012, а не поднеле ГДП. Секоја година приближно 30.000 граѓани забораваат да поднесат годишна даночна пријава, а годинава таа бројка е 60.000. Зголемениот број не е резултат на зголемена даночна недисциплина, туку на подобрените методологии, алатки што ги користи УЈП - рече Трајковски додавајќи дека најголемиот дел се однесува на граѓани што оствариле добивка од обложувачници.
Скопјани се на врвот на листите за остварени најголеми приходи и највисока плата во 2012 година. Највисок приход во Управата за јавни приходи пријавил скопјанец во износ 242.186.497 денари (3,9 милиони евра), а највисоката бруто-плата изнесувала 63.039.671 денари (1 милион евра) во секторот здравствени услуги.
Ова вчера го соопшти директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, кој истакна дека 174.181 граѓанин доброволно поднеле годишна даночна пријава, а оти 60.000 граѓани оствариле дополнителни приходи во 2012, а не поднеле ГДП.
- Секоја година приближно 30.000 граѓани забораваат да поднесат годишна даночна пријава, а годинава таа бројка е 60.000. Зголемениот број не е резултат на зголемена даночна недисциплина, туку на подобрените методологии, алатки што ги користи УЈП - рече Трајковски додавајќи дека најголемиот дел се однесува на граѓани што оствариле добивка од обложувачници.
За оние што не поднеле годишна даночна пријава е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
Според остварените бруто-приходи, во годишните даночни пријави во 2012 година со над милион денари се 13.793 граѓани, меѓу 100.000 и милион денари се 165.174, од 10.001 до 100.000 денари се 38.166 даночни обврзници и до 10.000 денари се 17.098 обврзници.
На листата со остварени највисоки годишни приходи меѓу првите десет, девет се од Скопје и еден од Тетово. Во делот на платата, меѓу првите 10, исто така, девет се од Скопје, а еден од Валандово. Kарактеристично е што годинава првите десет највисоки плати не се во банкарскиот и во телекомуникацискиот сектор. Првпат се јавуваат адвокатските услуги. Освен во здравствените услуги, пријавените плати се во трговија и во производство на фармацевтски производи и препарати, компјутерско програмирање, техничко советување и печатарски услуги.
Највисоката капитална добивка од 49,9 милиони денари (811 илјади евра) е пријавена од жител во Гостивар, од повремено вршење услуги жител на Пробиштип заработил 28,9 милиони денари (470 илјади евра), а од дивиденди и други приходи од учество во добивка менаџер од Скопје пријавил 238,7 милиони денари (3,8 милиони евра).
Од имот и имотни права прв на листата е жител на Тетово со пријавени 46,9 милиони денари, а на листата на приходи од авторски права и индустриска сопственост прв е скопјанец со 33,2 милиони денари. Од лото, обложување, казино и учество во наградни игри најмногу остварил жител од Свети Николе, 16,9 милиони денари. Пензионер од Скопје пријавил 35,7 милиони денари годишен приход надвор од пензијата.
Директорот на УЈП оцени дека даночната свест во Македонија е на високо ниво. Секоја година има раст на бројот на граѓани кои доброволно ги пријавуваат дополнителни приходи. Kон тоа придонесува и подобрувањето на работата на УЈП.
Трајковски: Успешна година за УЈП
Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски ја оцени годинава што изминува како успешна. Посочи дека растот на БДП се рефлектира соодветно и во наплатата на даноците.
- Веќе сме во финишот на годината. Имаме некаде околу 94 проценти реализација на предвидената наплата на ДДВ и не можам со гаранција да кажам дека во целост ќе ја реализираме буџетската проекција. Kај останатите даноци, кај данокот на добивка е реализирана буџетската проекција, а персоналецот со оваа динамика ќе биде реализиран - рече Трајковски.